Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност од Скопје, деновиве, по повод Светскиот ден на аутизмот, направи анкета под заеднички наслов „Како да им помогнеме на децата со аутизам во Република Македонија”.
Со анкетата биле опфатени вкупно 330 граѓани, воспитувачи во градинки и наставници во основни училишта. Анкетата била анонимна и е спроведена во Скопје, Берово, Пехчево, Велес, Кочани, Битола и Ресен. Од анкетираните 240 биле од женски, а 90 од машки пол. Според возраста, најбројни биле испитаниците од 30 до 50 години, додека според образованието, најголемиот дел од испитаниците биле со високо, средно и вишо образование. Според работните места на испитаниците тие биле директори, воспитувачи, наставници, педагози, медицински сестри, дефектолози, логопеди, лекари, работници, службеници и слично.
На прашањето што претставува аутизмот 20 одговориле дека е тоа болест, 2 дека е пореметување на метаболизмот и 308 дека е тоа первазивно развојно нарушување.
А во врска со прашањето во која возраст најрано се забележува аутизмот кај децата, 130 испитаници одговориле дека е тоа до шест месеци, 200 одговориле дека е тоа до три години, а двајца дека е тоа до 12 години.
На прашањето каде е повеќе застапен аутизмот во однос на полот, 190 одговориле дека е тоа кај машките, 3 дека е кај женските, а 147 дека е тоа кај и кај двата пола подеднакво.
Во врска со прашањето што може да го предизвика аутизмот, 160 одговориле дека се тоа генетски фактори, 30 дека е тоа околината, а 140 дека причината не е позната.
На прашањето како се забележува аутистичното дете, 70 одговориле по говорот, 220 по однесувањето, а 40 по физиономијата.
Во врска со прашањето каде треба да бидат третирани аутистичните деца, 10 одговориле дека тоа треба да се прави во домашни услови, 20 во градинка и училиште и 300 преку индивидуализирани логопедски и дефектолошки часови.
Што се однесува до третманот кој им е потребен на аутистичните деца, петмина анкетирани сметаат дека треба хируршки третман, 10 со алтернативна медицина и 215 со мултидисциплинарен третман.
А во врска со прашањето каква исхрана треба да конзумираат аутистичните деца, 15 одговориле општа, 145 одговориле без присуство на глутен и казеин, а 170 прочистена од конзерванси и емулгатори, но збогатена со растителни влакна и омега три масни киселини.
На прашањето што треба родителите да направат кога ќе забележат дека нивното дете има знаци на аутистичен спектар на нарушување, 5 одговориле дека не треба да го негираат тоа, 10 одговориле дека не треба да преземаат погрешни чекори во однос на третманот (надрилекарство и слично), а 315 одговориле дека треба да побараат стручна (компетентна) помош од страна на матичен лекар и педијатар.
Во врска со прашањето како можеме да им обезбедиме среќна и сигурна иднина на децата со аутизам, 10 одговориле да нема изолација и издвојување од заедницата, 310 преку инклузивни воспитни и образовни форми, вработување и живот со поддршка, а 10 дека не смее и не треба препуштање само на родителите и нивните најблиски.
На прашањето да опишат испитаниците какви се аутистичните деца според нивното досегашно искуство добиени се одговори дека тие заостануваат со говорот, дека се асоцијални, им пречи бука и гласна музика, не се заинтересирани, имаат проблем со моториката и држењето на телото, агресивно се однесуваат, со отсутен поглед, проблеми со концентрацијата, хиперактивност, повторувачко однесување, хиперсензитивни се, пасивни и слично.
И, на крајот, запарашани кој е нивниот конкретен предлог како да им се помогне на аутистичните деца, испитаниците предлагаат стручна помош, комуникација со родителите, училишта за деца со аутизам, пошироки занимални, рана детекција, индивидуален третман, со помош на асистенти, подготовка на индивидуален план, инклузија и интеракција, обучени воспитувачи и наставници, дефектолози и педагози, јавна свест, работилници, поголемо вклучување на државата, дружење со децата, обучување на родителите, сензорни соби, музикотерапија, физички активности, поголема грижа и внимание и слично.