Научниот собир на тема Библиотечната и издавачката дејност – факти и визии, замислен е и ќе се оствари како трибина и дебата за најгорливите, најактуелните и најсовремените процеси, движења и појави на овој план. Плејада од научни и стручни работници ќе настапат со свои соопштенија и ќе дискутираат за надминување на досегашните слабости, вмрежување и понатамошно поврзување, односно интеракција и соработка на издавачите и библиотекарите, но и на сите други сродни чинители и субјекти.

На научниот собир ќе присуствуваат и учествуваат најистакнати истражувачи од земјава и странство, а нивните трудови потоа ќе бидат публикувани во заедничка книга – зборник.Целта е да се согледаат и компарираат најновите прашања, теми и дилеми, со презентирање на најбитните факти и укажување на теоретските и практичните решенија и визии.